You must enable JavaScript to view this site.
This site uses cookies. By continuing to browse the site you are agreeing to our use of cookies. Review our legal notice and privacy policy for more details.
Close
Homepage > Regions / Countries > Europe > Balkans > Macedonia > Macedonia's Public Secret: How Corruption Drags the Country Down

Македонска јавна тајна: Како корупцијата ја влече земјата надолу

МКГ Извештај за Балканот бр. 133 14 Aug 2002

Корупцијата во Македонија, особено на високо ниво, во Владата, е ендемична. Таа еволуираше од пасивна експлоатација до активна изнуда. Корупцијата не само што ја стекна способноста да го задржува напредокот на стопанството, туку таа и го храни организираниот криминал, поттикнувајќи ја политичката нестабилност, како и нестабилноста на општетството. Тоа, всушност, значи дека во важните аспекти државата почна да функционира како „рекет“, а рекетарите просперираат во култура којашто не познава казни.

Оваа болест го инфицира и банкарскиот систем, како и структурите на власта, при што Македонија стана извор и транзитна точка на шверцувани стоки и на криминалитет. Системот ја поттикнува автократната администрација и удобно коегзистира со неефикасното и политизирано судство. Се храни со македонскиот морал, го исцрпува граѓанското општество, а поголемиот дел од населението станува цинично.

Рамковниот договор, склучен во Охрид во август 2001 година, ја спречи граѓанската војна која рапидно се развиваше. Сепак, одржливоста на Договорот зависи од развојот на демократските институции и од пазарното стопанство. Корупцијата што ја голта земјата, на многу начини наликува на мешано претпријатие распространето низ целата заедница. Ако не друго, корупцијата е мошне штетна за стопанството и го зголемува делокругот на социјалната нестабилност. Таа, исто така, предизвикува отворени судири меѓу етничките лидери и ја зајакнува напнатоста. Улогата на корупцијата во подготвувањето на земјата за конфликт е, исто така, значајна. Ако се остави да гнои и да се шири, таа ќе продолжи да го разградува слабото македонско единство, а тоа ќе има опасни последователни ефекти на целиот Западен Балкан.

За жал, има малку показатели кои укажуваат на тоа дека меѓународната заедница е свесна за интензитетот со кој корупцијата ги поткопува нејзините фундаментални цели во Македонија. Државниците, типично, смислуваат изговори за Македонија, употребувајќи ја празната фраза „корупцијата е проблем во сите земји во транзиција“. Повремено, повисоки меѓународни претставници ќе постават високи услови за Македонија да си ги среди работите, но тоа никогаш не се случува сериозно. Опортунистички настроените странски инвеститори понекогаш само го влошуваат проблемот.

Слабата меѓународна стратегија ги нагласува „процесот“ и „градењето капацитети“ – донесувањето на законите и обуката на службениците - како начин на којшто ќе се „намалат можностите за корупција“, како што кажа еден функционер. Во меѓувреме, направено е многу малку за да се анализира зошто овој приод не произведе значајни резултати, зошто - на пример - обвинителите не реагираат кога има цел куп докази за корупција или онаму кадешто точно се знаат дупките во кривичната постапка што им овозможуваат на корумпираните службеници да останат на слобода и да ги задржат бесправно стекнатите средства.

Меѓународната заедница инсистира Македонците да ја преземат „сопственоста“ на овој проблем (да го преземат проблемот во свои раце). Од друга страна, самите „сопственици“ – оние кои се на високи позиции во власта – се тие кои продолжуваат да доминираат, да ги експлоатираат и да ги искористуваат своите институции. Во вакви околности, наивно и пасивно е да се потпреме на немоќните национални чувари, како што е Омбудсманот, новата Комисијата против корупцијата или пак на медиумите и на граѓанското општетство, оставајќи ги сами да се борат против корумпираната елита. Со истурањето пари во Македонија, без да се инсистира на сериозни напори против корупцијата, меѓународната заедница само ги полни дупките во буџетот и, не сакајќи, дејствува како овозможувач на системот.

Честопати се слуша аргументот „ако ги турнеме во корупција, Владата нема да соработува во реализацијата на охридскиот договор“. Но, тоа го потценува самиот договор на којшто дипломатите ја концентрираа целокупната своја енергија.

Потребен е еден драматично различен ментален склоп. Македонија не е „само уште една земја во транзиција“, туку суштински слаба држава со надворешни и со внатрешни предизвици по сопственото постоење. Тоа значи дека корупцијата наметнува посебна штета и дека, всушност, Македонија може да има или голема корупција или стабилност, но никако и двете. Потребни се неконвенционални рецепти. Меѓународната заедница мора да внесе фундаментални промени во својот приод, како комплементарни активности на програмите за „градење капацитети.“ Таа мора да ја игра улогата на катализатор, а не само улогата на едноставен советник. Меѓународната заедница мора да ја условува својата финансиска помош со несрамежливо барање реформи, на тој начин што на своите антикорупциски напори ќе им даде ретроспективен и казнен фокус, а не само потенцијален и инструктивен.

Овој извештај содржи конкретни примери, но напишан е внимателно, водејќи сметка за правата на поединците. Меѓутоа, МКГ е подготвена подетално да дискутира по овие прашања, доколку тоа го бараат соодветните законски овластени владини и законодавни тела.

Исто така, овој извештај се концентрира на сегашноста и на неодамнешното минато, така што може да се чини дека е концентриран на партиите кои се сега на власт. Сепак, корупцијата е аспект на политичката култура на земјата, а не ексклузивен десерт на една посебна група. Сите политички партии, заедно со граѓанското општество и со меѓународната донаторска заедница треба да ги здружат своите напори во борбата против корупцијата, за таа да биде ефективна. Корупцијата во никој случај не е изнудено прашање што им припаѓа на политичките партии или прашање кое треба да биде злоупотребено за партиски цели. Би било голема грешка да се верува дека промената на власта, по изборите од септември 2002 година, автоматски ќе го реши проблемот.

ПРЕПОРАКИ

За македонската Влада и за политичките партии:

Посветете се на борбата против корупцијата како главен приоритет, поважен од животниот век на сегашаната Влада и од изборите во септември 2002 година, и дајте и конкретна форма на вашата посветеност, со тоа што ќе ги прифатите меѓународните предлози и стратегии, вклучувајчи ги и оние што се наведени подолу, како и оние на граѓанското општество.

За главните меѓународни донатори, вклучувајќи ја Европската унија и нејзините земји-членки, САД и меѓународните финансиски институции:

Бидете свесни за улогата на корупцијата во потхранувањето на нестабилноста во Македонија и прифатете ја лидерската улога во борбата против неа.

Изгответе програми и стратегиски позиции што ќе се однесуваат на корупцијата од минатото, а не само на превентивата на идните епизоди.

Идентификувајте ги оние сектори што се особено податливи за корупција како приоритетни области за корективни активности, поради доходовните можности што тие ги нудат, или пак оние области коишто се чувствителни за казнување и за одбегнување на корупцијата, а пред сè натерајте ја македонската Влада да се согласи со поставувањето меѓународни „чувари“, кои би работеле во Фондот за здравствено осигурување, Царинската управа, Обвинителството и во судството.

Условете ја финансиската помош за Владата, особено за платниот биланс како и поддршката на буџетот, со сериозна реформа против корупцијата и работете заедно со Владата на изготвувањето на реалните репери за оценување на добрата волја, но и на ефективноста.

Обвиненијата и конфискациите нека бидат експресни цели на една анти-корупциска стратегија ориентирана кон резултати, којашто ќе се применува комплементарно со постоечкиот приод кој го нагласува подобрувањето на „капацитетите“ на македонските институции и зајакнувањето на законската рамка.

Вградете конкретни „последователни“ елементи во сите едукативни програми против корупцијата.

Обезбедете финансиска поддршка за новоформираната владина Комисија против корупцијата, за да може да работи ефективно веднаш штом ќе биде формирана во октомври 2002 година, како и за Транспарентност интернационал и за напорите на македонското граѓанско општество за изготвување на стратегија против корупцијата и за градење на „Коалиција против корупцијата“.

Извршете притисок за да се донесе законодавство со коешто би се ограничил делокругот на партиите, така што кога се на власт тие нема да можат да именуваат лица врз основа на политичката припадност, туку врз основа на компетентноста.

Вклучете ги поактивно албанските политички партии и граѓанското општество во борбата против корупцијата.

За Европската унија (ЕУ):

Поставете Советник против корупцијата на ЕУ во Македонија, кој би ја дополнил работата на Специјалниот претставник на ЕУ.

За Меѓународниот монетарен фонд (ММФ):

Олабавете ги рестрикциите за вработување на дополнителен кадар во Државниот завод за ревизија и во сродните агенции.

Утврдете ги целите на зголемените приходи за министерствата каде што корупцијата го намалува приходот.

Скопје / Брисел , 14 август 2002 година

More Information