You must enable JavaScript to view this site.
This site uses cookies. By continuing to browse the site you are agreeing to our use of cookies. Review our legal notice and privacy policy for more details.
Close
Homepage > Regions / Countries > Europe > Balkans > Macedonia > Macedonia: No Time for Complacency

Македонија: Без простор за самозадоволство

Извештај за Европа број 149 23 Oct 2003

ИЗВРШНО РЕЗИМЕ

Скорешните настани бараат креаторите на политиката значително да ја ревидираат општо прифатената оценка дека Македонија е најважната политичка “успешна приказна” на Балканот. Всушност, Македонија е неразвиена постконфликтна држава што во голема мерка сèуште е под голем ризик, неспособна, оперативно или политички, целосно да ги реши безбедносните предизвици, без нарушување на се уште несигурната етничка рамнотежа. Само анализа на основниот динамичен немир во Македонија, од криминалот и слабата полиција, до подеднакво слабата економија и корупцијата, ќе и овозможат на државата што едвај ја избегна војната во 2001 година да обезбеди долготрајна стабилност. Поточно, Македонија се уште не може да опстане безбедносно, без присуство на меѓународни безбедносни сили.

Точно е дека умерената македонска влада, предводена од Премиерот Бранко Црвенковски и поранешниот лидер на бунтовниците, Али Ахмети, имаше успеси. И двајцата остануваат посветени на Охридскиот мировен договор и единството на државата. Откако тие победија на изборите во 2002 година, политичката реторика беше смирена. Црвенковски и Ахмети реагираа одговорно, а понекогаш дури и храбро кога стануваше збор за чувствителни прашања, вклучувајќи ја и легализацијата на тетовскиот универзитет (кој долго време беше симбол за етнички тензии) и употребата на албанскиот јазик во Парламентот и на државниот пасош. Сепак, напредокот со симболичките работи не беше следен со напредок во суштинските работи. Реформата во безбедносниот сектор заостанува, исто како и децентрализацијата и напорите да се зголеми бројот на Албанците во јавниот сектор и два клучни елементи на Охридскиот договор. Значителните мерки за сузбивање на корупцијата пропаднаа.

Уште посериозно е што и криминалците и екстремистите сè уште претставуваат директна закана. Мултиетничка полиција зголемено го рефлектира одразот на локалната популација, но таа се уште се бори да воспостави ред и мир. Убиствата се зголемени за една третина во однос на претходните три години, а серија од експлозии на бомби, киднапирања и истрели придодадоа кон чувството на беззаконие. Слабата комуникација за безбедносните прашања честопати ги поттикнуваше етничките тензии внатре во Владата и меѓу етничките заедници; ова, а не некакво си организирано “пан-албанско” насилство, е најголемата тековна опасност за стабилноста.

Овие работи избија на површина на почетокот на септември 2003 година кога полицијата започна една остра акција за фаќање на еден злогласен криминалец, Албанец. Операцијата го разбесни Ахмети, оставајќи го отворен за политички напади, соочувајќи ја Владата со најсериозна внатрешна конфронтација досега. Престапникот остана на слобода и, и покрај напорите да се ублажи чувствителноста, кај многумина Албанци повторно се јавува обновен сомнеж дури и кон етнички мешаната полиција.

Според неодамнешното истражување на УНДП, цели две третини од Македонците и Албанците очекуваат нов конфликт, сред растечката загриженост за стагнирачката економија. Хуманитарните работници ја опишуваат поларизацијата на етничките заедници во поранешните кризни региони, додека малцинствата продолжуваат да се соочуваат со различни форми на притисок. Горките расправии за училиштата го оневозможуваат посредувањето. Невработеноста е се уште голема и создава потенцијални прилики за несовесните синдикални лидери да поттикнат немири. Во меѓувреме, можноста од нова нестабилност ги држи странските инвеститори подалеку, а економијата загушена.

Етничките Албанци се спротивставија дури и на обичните и добро навестени полициски акции, а исто така го намалуваат чувството на заедничка одговорност, кое е потребно на Охридскиот договор. Тензии се јавија и помеѓу Албанците и Турците, кои се плашат дека Охрид води кон “бинационална” држава, во која Албанците и Македонците ќе доминираат. Поранешниот Премиер Љубчо Георгиевски и лидерот на ДПА, Арбен Џафери, премногу сакаат да играат на картата на вознемиреност и анимозитети, отворено работејќи на поткопување на Охридскиот договор, одејќи дури и до поттикнување на поделба на Македонија.

Македонските лидери и странските медијатори честопати се соочиле со предизвиците со чувство на самозадоволство. Наместо да се конфронтираат со радикализмот на Георгиевски и Џафери, на моменти дипломатите служеа како нивни апологетичари. Роковите во Охридскиот договор премолчено се пречекоруваат, а важните напори за исцртување на општинските граници, предавањето на надлежностите на општините, како и претстојното објавување на пописните резултати општо се коментираат со спуштање на рамениците. Премногу често Премиерот Црвенковски имплементацијата на Охридскиот договор ја претвори во игра на повторни договарања. Умерениот Ахмети ја толерираше неумешноста на неговите партиски министрѕ и виде како значително се лизга неговиот авторитет меѓу Албанците. Некои од неговите поддржувачи се сомневаат дека премиерот намерно сака да ја прикаже неговата партија во лошо светло.

Без поконцентрирани напори за вистинска имплементација на Охридскиот договор, за воспоставување на ред и мир, без борба против корупцијата и стимулирање на економијата, постојниот релативен мир може наскоро да се наруши. На Македонија се уште и е потребна помош за безбедноста. Успешната воена мисија на ЕУ “Конкордија” треба да остане и после крајот на нејзиниот мандат на 15 декември 2003 година, се додека полициската мисија на ЕУ "Проксима" не се воспостави во целост и не ги надомести клучните недостатоци во разузнавање и координација во безбедносниот сектор, а македонската полиција и Влада се оспособат да преземаат ефективни операции и да се справат со политичките притисоци од нивното преземање. Исто така, потребно е да се затвори на наследството од конфликтот во 2001 година. Нема оправдување за понатамошното одложување на испитувањето на неколкуте потенцијални случаи на воени злосторства, обновата на една дузина на уништени цркви и џамии и да се разреши случајот со дваесетте исчезнати луѓе. Донаторите мора да инсистираат медиумските институции што исчезнуваат, а кои тие ги финансираат, да почнат да функционираат, особено во областа на следењето и контролирањето на говорот на омразата.

Сепак, ниту еден од овие чекори нема да се преземе без поголема трезвеност и со помалку самозадоволувачка оценка за постигнувањата на Македонија до денес.

ПРЕПОРАКИ

Општи

1.  Премиерот Црвенковски и Претседателот Трајковски треба да ја искористат секоја прилика за потполно прифаќање на Охридскиот договор во име на сите граѓани, не само како група на концесии за етничките Албанци. Премиерот Црвенковски треба да ја прекине неговата практика на претворање на клучните обврски од Охридскиот договор на повторни договарања со лидерот на ДУИ, Али Ахмети.

2.  Претседателот на ДУИ, Ахмети, треба да ги интензивира напорите за да изгради целосен респект меѓу Албанците кон државната власт, вклучувајќи го и плаќањето на даноците, комуналиите и другите обврски.

3.  И Црвенковски и Ахмети треба да нагласат дека децентрализацијата на власта е централен дел на имплементацијата на Охридскиот договор, да се ослободат од неефикасните политичари, особено од оние кои се поставени на позиции во областа на децентрализацијата и економската реформа, а во исто време да работат на подобрување на комуникацијата помеѓу министрите од една, и нивните заменици од друга етничка припадност.

Безбедност

4.  Претседателот Трајковски и Премиерот Црвенковски треба да го сменат своето инсистирање дека воената мисија на ЕУ “Конкордија” треба да замине по завршувањето на нејзиниот мандат во декември 2003 година, и дека мисијата треба да остане барем додека полициската мисија на ЕУ “Проксима” не се воспостави во целост, а македонската полиција и Влада се оспособат да преземаат ефективни операции и да се справат со политичките притисоци од нивното преземање.

5.  Македонската Влада треба да му одолее на искушението да ја претстави безбедносната ситуација во пресветла слика, плашејќи се дека тоа ќе го исфрли од колосек обидот на Македонија за членство во НАТО, да развие јасни и разбирливи средства за известување и консултација за сите поголеми безбедносни операции заедно со ДУИ, да продолжат со имплементацијата на меѓународно препорачаните безбедносни реформи, а посебно да обрати внимание на прашањето за полициската изведба.

6.  НАТО треба да ја продолжи поддршката на “Конкордија” и на предложената полициска мисија на ЕУ “Проксима” и јасно да го разграничи присуството на “Конкордија” или некоја друга меѓународна безбедносна мисија од прашањето за членство на Македонија во НАТО. Вашингтон треба формално да признае дека по учеството во мисиите во Авганистан и Ирак ја смета Македонија за “придонесувач на безбедноста” со цел за членство во НАТО. Понатаму, НАТО и ЕУ треба да престанат со нивниот натпревар за првенство во безбедносната помош на Македонија.

7.  Како важно средство за обезбедување на стабилноста (внатрешна и надворешна), Владата и НАТО треба да ги удвојат нивните напори за да осигураат дека Македонија е квалификувана за членка на НАТО, не подоцна од следниот круг на поголемо проширување, ако не и порано.

8.  ЕУФОР и “Конкордија” треба да изнајде поголеми начини за поделба и трансфер на одговорноста на македонската армија, на пример преку заеднички патроли и вежби со македонската армија да помогнат во изградбата на доверба меѓу Албанците во безбедносните сили на државата.

9.  Планирањето на полициската мисија на ЕУ “Проксима” и евентуалното заминување на “Конкордија” треба да се занимава со вистинската и очигледна слабост на полицијата, вклучувајќи ја и слабата размена на разузнавачки податоци, слабата полициска изведба на мултиетничките тимови, и понатамошно потпирање на остри тактики, а особено:

а)  Полициската мисија на ЕУ треба да се подготви активно да помага во акции на теренот, а не само да набљудува

б)  ММЕУ треба целосно да бидат инкорпорирани во безбедносните структури на ЕУ и забрзано да ја преземат критичната функција на врски создадена од НАТО, што сега ја врши ЕУФОР.

в)  Полициската изведба треба да биде врвен приоритет за ОБСЕ, и да осигура дека тренингот нема само да ги задоволува квотите, туку ќе произведува квалификувани полициски офицери.

г)  Другите донатори треба да изнајдат начин за подобрување на вкупното собирање и размена на разузнавачки податоци.

Економија

10.  Премиерот Црвенковски треба да го имплементира предлогот предложен од бизнис заедницата и американската амбасада за воспоставување на акциона група на министерско ниво која ќе им помага на клучните странски инвеститори да ги надминат административните пречки.

11.  Националната Банка, со помош на Светската Банка и ММФ треба да спроведе комплетен преглед на практиките на банкарски позајмувања, да осигури дека нема дискриминација во кредитирањето ниту кон етничките Албанци, ниту кон луѓето што живеат во Западна Македонија, и да асистира во подготвување на план за обезбедување на инвестиции во Западна Македонија, за доброто на сите етницитети кои живеат таму.

12.  ЕУ треба да го олесни строгиот визен режим, со цел да се спречи невработеноста на Балканот да биде извор на регионална нестабилност.

Децентрализација

13.  Владата и ММФ треба да ја забрзаат децентрализацијата преку имплементирање на како на пример преку удвојување на нивната соработка со Асоцијацијата на општините (ЗЕЛС) и да ги забрзаат пилот проектите за собирање на данокот од имот од општините и да им дозволат на општините да издаваат градежни дозволи.

Корупција

14.  Светската Банка, ОБСЕ и нивниот експертски тим од одделот за Владеење на правото и Европската комисија, треба да го преземат водечкото место во борбата против корупцијата и реформата на правосудството, со зајакнување и поголема материјална и политичка поддршка на Антикорупциската комисија, особено преку влијание врз Владата да ја прифати нејзината програма, со проритет на нејзините препораки за градење на независно судство, вклучувајќи го и формирањето на нова институција која ќе го замени исполитизираниот Републички судски совет.

15.  Судовите, јавниот правобранител и обвинител треба енергично да притиснат на препораките на Комисијата за поништување на приватизацијата на Фершпед, Владата треба да формира експертска комисија за скандалот со пирамидалната штедилница ТАТ, а Министерот за економија треба да даде поцелосно објаснување за големата набавка на нафта преку Макпетрол, непосредно пред војната во Ирак.

16.  Светката Банка и ММФ треба да ја разгледаат можноста активностите за перење на пари да се префрлат во Македонија, пред влегувањето на Кипар во ЕУ и строгото казнување на таквите активности во таа држава.

Политички развој

17.  САД треба формално да ги предупредат претседателот на ДПА, Арбен Џафери, заменик претседателот на ДПА, Мендух Тачи и лидерот на ПДП Беџети и останатите што и натаму јавно поддржуваат етничка поделба, се спротивставуваат на Охридскиот договор и приватно се здружуваат со криминалци и екстремисти дека тоа ќе резултира со нивно брзо приклучување кон листата за набљудување. Европските политички групи треба да ги исклучат политичарите и партиите поврзани со екстремистичката реторика од нивните собранија во Парламентарната Асемблеја на Советот на Европа.

Образование

18.  Приоритет мора да се даде на образованието на поголем број млади Албанци што не  завршиле средно училиште, вклучително и преку стручно образование, како и преку привлекување Албанки во восокото образование, особено на тетовскиот универзитет.

19.  Претседателот на ДУИ, Ахмети, треба да ја поддржи реформата на тетовскиот универзитет преку контролирање на отпаднатиот поранешен ректор, Фадиљ Сулејмани и неговиот сојузник, Изаир Самиу (“командант Баци” во бившата ОНА) кои повторно ги опструираат важните мерки и го комплицираат процесот на легализација на оваа долго време проблематична институција.

Застапеност на етничките Албанци

20.  Владата и меѓународната заедница треба да го фаворизираат присуството на Албанците во трите клучни безбедносни сектори: војската, специјалната и тајната полиција. Строгите барања за регрутирање во специјалните единици треба да се овозможи со интензивирани напори за регрутирање и обука на етнички Албанци кои би можеле, со извесна помош, да бидат квалификвани кандидати.

Подобрување на меѓуетничките односи и наследството од конфликтот во 2001 година

21.  ЕУ и САД треба целосно да ја поддржат заедничката владино-парламентарна комисија која ќе ја утврди вистината за преостанатите дваесет исчезнати лица. МВР треба да утврди датум до кој Албанците ќе обезбедат информации за исчезнатите тринаесет Македонци, после кој би ги објавило сите информации што ги има за шесте исчезнати Албанци.

22.  Владата треба да подготви финална и непроменлива листа на осомничени случаи на воени злосторства и да побара од Хашкиот Трибунал да ги истражи тие случаи и да одлучи дали постојат основи за поведување на процес.

23.  Останатите донатори треба заедно со Европската Агенција за реконструкција да го продолжат нејзиниот проект за обновување на сите религиозни објекти уништени за време на конфликтот, со совети и помош од УНЕСКО.

Скопје/Брисел, 23 Октомври 2003

More Information