You must enable JavaScript to view this site.
This site uses cookies. By continuing to browse the site you are agreeing to our use of cookies. Review our legal notice and privacy policy for more details.
Close
Homepage > Regions / Countries > Europe and Central Asia > Balkans > Macedonia > Macedonia: Wobbling toward Europe

Македонија: Тетеравење кон Европа

Извештај на Меѓународната кризна група бр. 41 12 Jan 2006

РЕЗИМЕ

Одлуката од самитот на Европската унија во декември 2005 година, да ù додели кандидатски статус на Македонија, е значителен чекор на патот на земјата кон европска интеграција. Меѓутоа, отворената природа на одлуката, без датум за почеток на разговорите за пристапување, ги покажува практичните и политичките предизвици со кои земјата сè уште се соочува за да стане стабилна пост-конфликтна демократија. Спроведувањето на Охридскиот рамковен договор, кој стави крај на започнатата граѓанска војна во 2001 година е скоро завршено и во тек се суштински реформи; сепак, напредокот, иако значителен, останува релативен. Меѓународната заедница треба да го задржи притисокот на владата за оваа да делува побрзо и посериозно во виталните сектори, вклучувајќи ја полицијата, а особено судството, бидејќи тие сè уште заостануваат, и практичната примена таму често не ја следи реториката на владата.

Како и темпираното американско признавање на уставното име на Македонија во ноември 2004 година, одлуката на ЕУ значително го подобри престижот и самодовербата на земјата. Меѓутоа, внимателниот јазик кој се употреби покажува дека ЕУ ќе продолжи да притиска, како што и треба, за поголеми раздвижувања на повеќе фронтови. Реформите во полицијата и во судството се особено клучни прашања за просечниот Македонец, но овие полиња не се само услов за членство во ЕУ, туку и директно влијаат на способноста на коалицијата одговорно да владее.

Полициските реформи зацртани во Охрид значително напредуваа во однос на вработување и обука на нови полицајци, зголемување на бројот на Албанците во службата, и преземање на одговорноста за границите. Но, сè додека владата не навлезе подлабоко под површината и не се зафати со фундаменталните прашања на управувањето, вклучувајќи и децентрализација на овластувањата и воспоставување на систем на заслуги при напредување во службата, полицијата нема да стане транспарентна и одговорна услуга на заедницата.

Судскиот систем останува нереформиран и нефункционален. Земја од два милиона жители има 1,2 милиони заостанати случаи. Гломазниот систем, кој сè уште е под влијание на извршната власт и на корупцијата, им служи на спротивните политички интереси. Меѓународната заедница доцна го сфати проблемот, само откако судскиот систем започна да го загрозува напредокот во другите области. Владата подготви неколку уставни амандмани насочени кон подобрување на независноста на судството, вклучувајќи и траен мандат и дво-третинско мнозинство за назначувањата на судиите, но сега мора да ги спроведе овие мерки и да преземе итни чекори за да го подобри квалитетот и да ја зголеми одговорноста со искоренување на корумпираните и некомпетентни судии и со обука на оние кои се способни и квалификувани.

Две прашања кои не се поврзани едно со друго бараат во 2006 година да им се посвети особено внимание. Неизбежното враќање на четирите случаи на воени злосторства од Хашкиот трибунал се заканува да ги разбуди духовите на конфликтот од 2001 година и да стане предизвик за неадекватниот судски систем. Начинот на кој ќе се разгледуваат овие случаи, оперативно и политички, ќе има влијание на домашната политика и на односите на Македонија со меѓународните партнери. Зголемените тензии во Исламската заедница и расправиите на нејзините лидери кои излегоа на виделина, во јавноста го отворија прашањето за тоа дали на земјата ù се заканува радикалниот ислам. Нема вистинска закана од вехабистите, но етничките албански лидери се загрижени дека борбата за власт може лошо да се одрази на нивната заедница и со неа да манипулираат политичките непријатели.

Иако се чини дека несигурноста која кулминираше со референдумот во ноември 2004 година, вклучувајќи ја и загриженоста за поделбата на силите меѓу етничките заедници и краткото појавување на група на вооружени етнички Албанци во предградијата на Скопје веќе ја нема, Македонија е сè уште незрела демократија, ранлива пред оние кои сакаат да го присвојат или да го експлоатираат несовршениот процес на реформи. Патот кон Европа ќе биде сигурен само ако ги спроведува неопходните иницијативи и ако се справува со политичките предизвици пред тие да прераснат во кризи. Ова се неколку неопходни чекори во таа насока:

  • Судство. Меѓународната заедница и Македонија треба да лобираат пред Хашкиот трибунал враќањето на четирите случаи да се одложи барем до крајот на 2006 година (а најдобро до 2008 година), додека донаторите работат на брзи реформи во судството, вклучувајќи и специјализирани обуки на судиите за сериозни кривични дела; форензички техники; реални програми за заштита на сведоци, како и суд за сериозни кривични дела. Кога уставните амандмани ќе се усвојат, владата мора брзо да се ослободи од корумпираните судии и оние кои не работат, да основа нов административен суд за прекршоци, и академија за постојана обука на судии и обвинители.
  • Полиција. Законот за полиција кој сè уште не е донесен треба да ги пренесе овластувањата на повеќе, а не на помалку полициски области. На Единицата за професионални стандарди треба да ù се обезбедат персонал и ресурси (вклучувајќи и присуство на ЕУ) за таа да може да истражува случаи на внатрешна корупција и на полициска злоупотреба, како и да воведе градење на кариера врз основа на заслуги, вклучувајќи и брза програма за најдобрите и најбистрите офицери и приправници, која треба да се подготви. Полицијата исто така треба повеќе да ја координира работата со другите владини тела.
  • ЕУ. Користејќи персонал и експертиза од претходната мисија Проксима и од нејзиниот преоден наследник ЕУПАТ, Брисел треба да започне со нова мисија во јуни 2006 година, со повеќе финансиски и човечки ресурси. Одговорна пред Специјалниот претставник на ЕУ, таа треба да има мандат да ги прошири своите овластувања на целиот сектор правда, вклучувајќи ги и судиите, обвинителите и затворите. Треба да постави советници во министерствата за правда и за внатрешни работи, во јавното обвинителство и во скоро основаните регионални полициски штабови. Специјалниот претставник на ЕУ треба исто така да работи со владата за таа да постави советник за правда и внатрешни работи во кабинетот на Премиерот кој ќе има за задача да ги турка реформите и да координира меѓу министерствата и другите владини тела.


    Скопје/Брисел, 12 јануари 2005 годин

More Information