You must enable JavaScript to view this site.
This site uses cookies. By continuing to browse the site you are agreeing to our use of cookies. Review our legal notice and privacy policy for more details.
Close
Homepage > Regions / Countries > Europe > Balkans > Macedonia > Macedonia's Name: Breaking the Deadlock

Името на Македонија: пробивање на безизлезот

Насоки за Европа бр. 52 12 Jan 2009

краток преглед

Македонија е релативно успешна приказна во регион обележан со државни и територијални проблеми. Меѓународното учество по конфликтот од 2001 со побуната на етничките Албанци донесе напредок во интегрирањето на Албанците во политичкиот живот. Тоа беше поттикнато од ветувањето за интеграција во Европската Унија (ЕУ) и НАТО, што се цели кои ги обединуваат Македонците и Албанците. Но главната стратегија на НАТО/ЕУ за стабилизирање на Македонија и на регионот преку проширување беше спречена од спорот со Грција за името на земјата. Атина тврди дека кога се именува себеси како „Македонија“ таа узурпира дел од грчкото наследство и ја присвојува северната грчка провинција. На самитот таа го блокираше македонското членство во НАТО како и претпристапните преговори за ЕУ додека не се реши проблемот. За надворешните набљудувачи спорот е чуден, но тој допира егзистенцијални точки, посебно во Македонија, и има сериозни регионални импликации. Страните мора да ја вратат довербата; земјите членки мора да ги притиснат и двете страни за компромис, посебно Грција за да ја почитува својата заложба да не го блокира Скопје во меѓународните организации.

Напорите да се надмине овој спор преку преговори со посредство на ОН не даваат плод повеќе од една деценија. Кризната група во декември 2001 издаде извештај во кој нагласи дека решавањето на овој проблем е клучно за да се зацврсти македонското чувство за идентитет, кој е оспоруван од три соседи: Грција, која го оспорува името; Бугарија која го оспорува постоењето на македонскиот јазик; и Србија која ја оспорува автокефалноста на македонската црква. Македонското чувство за идентитет е дополнително предизвикано од неопходните отстапки кои Македонците им ги направија на своите албански сограѓани со Охридскиот рамковен договор кој го оконча конфликтот во 2001. Отстапките ја прават земјата „граѓанско општество“ со засилување на правата на Албанците и другите малцинства, но тие исто така ја релативизираат Македонија како држава на македонскиот народ.

Во 2001 година Кризната група предложи решение со името „Republika Makedonija“, на македонски, кое би се употребувало во ОН и други меѓународни организации, и ќе биде признато од земјите членки на НАТО и ЕУ. Денес Грција го зголеми влогот во НАТО и во ЕУ. Македонија доби статус на земја-кандидат за ЕУ во 2005, но до денес не се започнати претпристапните преговори. Во 2008 таа ги исполни критериумите за членство во НАТО, но не доби покана. Покрај грчката закана поради иметo, започнувањето на преговорите со ЕУ беше одложено поради неисполнувањето на одредниците дадени од Европската комисија. Јасно е дека сериозните проблеми кои се случија за време на изборите во јуни 2008 треба да бидат надминати во изборите во 2009.

И покрај значајниот напредок, Охридскиот договор не е стопроцентно спроведен. Меѓуетничките тензии и ризик од нестабилност и понатаму постојат. Регионот и понатаму е нестабилен и можноста Косово повторно да влијае дестабилизирачки како во 2001 продолжува. Одложувањето на интеграцијата во НАТО и ЕУ на неодредено време може да го поткопа постигнатиот успех во стабилизирање на земјата, со последици кои можат да бидат особено штетни и за самата Грција. Спорот за името е повеќе од билатерално прашање меѓу Скопје и Атина. Тој ризикува да ја спречи главната стратегија на НАТО и ЕУ за стабилизирање на Македонија и регионот преку проширување и интеграција. Земјите членки не треба да дозволат кредибилитетот на овие организации да биде жртва на еден тврдоглав спор кој вклучува земја-членка.

На Самиот на НАТО во април 2008 Скопје сигнализираше решеност за компромис за името на земјата. Сепак, комбинација на чекори од двете страни ја затру атмосферата на преговори до тој степен што двете земји се подалеку од решение од кога било претходно. Одлуката на Македонија да го преименува аеродромот во Скопје во Александар Велики изгледаше како намера да се провоцира грчката чувствителност околу грчкото наследство. Со блокирање на македонското интегрирање во НАТО и ЕУ Грција се чини ја прекрши обврската според Времената спогодба од 1995 да не дозволи спорот за името да биде пречка за интегрирањето на земјата во меѓународните организации. Фактот дека другите членки на НАТО и ЕУ дозволија тоа да се случи ја поткопа македонската верба во добрите намери на меѓународната заедница.

За да се обнови довербата и конечно да се реши спорот, потребни се следниве чекори:

  • Скопје треба да ја отповика одлуката да го именува аеродромот во Скопје како Александар Велики и да се воздржи од слични чекори кои сигурно ја провоцираат Атина;
  • Скопје и Атина треба заедно да ја преиспитаат историјата на регионот, и да избегнуваат упатувања во своите наставни програми кои ги повредуваат националните чувства на другиот;
  • И двете страни треба да ја реафирмираат својата поддршка на Времената спогодба, и додека не се реши спорот Скопје треба да ја употребува само референцата „бивша југословенска Република Македонија“ во сите мултилатерални организации, додека Атина треба да ги отстрани заканите за вето во НАТО и ЕУ.
  • Скопје треба јавно да ја изрази својата подготвеност да го прифати последниот предлог на посредникот на ОН „Република Северна Македонија“ кое ќе биде име за секаква меѓународна употреба.
  • Атина треба да одговори со признавање на националниот идентитет и јазик на нејзиниот северен сосед како „македонски“ и да го прифати уверувањето на Скопје дека употребата на таа придавка не имплицира никаква ексклузивност или територијални претензии врз северната грчка провинција Македонија; и
  • другите НАТО и ЕУ членки треба активно да ја охрабрат Атина да ја деблокира македонската интеграција во двете организации и позитивно да одговори на отстапките на Скопје за името на земјата.

More Information